Јавни приходи се приходите што се наплаќаат од граѓаните и стопанството заради обезбедување на средства за финансирање на функциите на државата за задоволување на општите и заедничките потреби.
Даноците се јавен приход кој произлегува од обврската што ја наложува државата кон граѓаните и на претпријатијата задолжително да издвојуваат дел од својот приход, промет или имот за задоволување на државните потреби. Основната функција е фискална, но исто така даноците се користат за постигнување на определени економски и социјални цели, остварување на стабилизационата политика и за сузбивање на инфлацијата.
Основни елементи на секој даночен систем се:
1.Предмет на оданочување
Предмет на оданочување се: приходите, прометот и имотот. Определување на предметот (објектот) на оданочување значи истовремено определување и на видовите даноци кои ќе се плаќаат.
Порано земјоделството било најважна дејност, а земјата најзначаен имот, па затоа и предмет на оданочување главно била земјата и приходите од земјата, а подоцна и другите видови имот како што се објектите, капиталот, приходите и сл.
Со тек на времето значајно пораснала и улогата на потрошувачката, односно прометот. Овие даноци се нарекуваат индиректни даноци и постојат во различни форми, како што се данок на додадена вредност, увозни давачки, акцизи итн.
- Даночен обврзник
Даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Даночни обврзници можат да бидат правни и физички лица, како и здружувања на лица. Важно прашање за секој вид данок е – кој е даночниот обврзник, или даночен исплатител, на чиј товар паѓа данокот, но и кој треба да го плаќа данокот?
- Даночна основица
Даночна основица е оној обем и износ од предметот на оданочување врз кој се пресметува данок. На пример, даноците на потрошувачка (индиректните даноци) вообичаено е да се плаќаат на извршениот промет на добра или услуги, а данокот на доход (директни даноци) да се плаќа на сите приходи што ги има граѓанинот по сите основи во текот на една година.
- Даночна стапка
Даночната стапка е процентот, делот што треба да се плати во вид на данок на утврдената даночна основа. Ако даночната стапка е утврдена на 10%, тоа значи дека толкав процент применет на даночната основа треба да се плати како данок на државата.
Најчесто се практикуваат два вида даночни стапки:
- Пропорционални, каде плаќањето на данок по пропорционална стапка значи да се плаќа данок секогаш со иста стапка, независно од големината на прометот или приходот и
- Прогресивни кои воглавно се користат за оданочување на доход, добивки или приходи, и значат примена на стапки кои се зголемуваат со зголемување на основата, според износи лимитирани со закон.
Поделба на даноците во нашиот даночен систем се врши на следниот начин:
- Даноци на доход (директни даноци)
- Даноци на потрошувачка (индиректни даноци)
- Даноци на имот
- Придонеси од задолжително социјално осигурување