Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/14,19/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16 и 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/19 и 14/20) ги класифицира работните места на административните службеници согласно одговорноста, видот, целите и сложеноста на работите и работните задачи на работното место и потребните стручни квалификации, работното искуство во струката, општите и посебните работни компетенции и други критериуми од значење за работното место.
Според овие критериуми, работните места се класифицираат во 4 категории:
- Категорија А – секретари
- Категорија Б- раководни административни службеници
- Категорија В – стручни административни службеници
- Категорија Г -помошно-стручни административни службеници
За пополнување на работно место на административен службеник кандидатот треба да ги исполни следниве општи услови:
- да е државјанин на Република Северна Македонија,
- активно да го користи македонскиот јазик,
- да е полнолетен,
- да има општа здравствена способност за работното место и
- со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.
Покрај општите услови за пополнување на работно место на административен службеник, кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови:
- да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место,
- да има соодветно работно искуство потребно за работното место,
- да поседува соодветни општи работни компетенции потребни за работното место пропишани со Рамката на општи компетенции и
- да поседува соодветни посебни работни компетенции потребни за работното место.
За категоријата раководни административни службеници (категорија А и категорија Б), потребно е да се има и положен испит за административно управување, кој се полага во Агенцијата за администрација.